Тинејџерите копираат сѐ што гледаат: Како да им помогнете да изберат вистински пријатели?

Тинејџерските години се период кога младите најсилно ја градат својата личност, но и кога најмногу се изложени на влијанија од околината.
Во таа фаза, желбата за прифаќање и припадност е толку силна што тинејџерите често ги имитираат своите врсници – од стил на облекување, музика и навики, до однесување, ставови и избор на активности.
Психолозите велат дека имитацијата е природен дел од развојот: тинејџерот преку другите ја тестира сопствената идентиитетска рамка и одлучува што му „лежи“, а што не. Проблемот настанува кога влијанието е негативно – кога групата промовира ризично однесување, агресивност, занемарување на обврски или нездрави навики.
Во таква средина, тинејџерот може брзо да го промени своето однесување само за да „не биде различен“.
Тука клучна улога имаат родителите. Иако често мислат дека во оваа возраст немаат речиси никаков авторитет, вистината е спротивна: нивната поддршка и присутност се пресудни.
Експертите препорачуваат родителите да ја следат средината на своите деца – но ненаметливо. Разговорите без осуда, интересот за нивните пријатели и активности, како и градењето доверба се најдобриот начин тинејџерот сам да направи здрав избор.
Важно е и да се поттикне критичко размислување: да научи да препознае кога групата не влијае добро врз него. Наместо забрани и казни, родителите треба да понудат алтернативи – спортови, групи, хоби-клубови – каде тинејџерот ќе најде социјална средина со позитивни вредности.
Тинејџерот ќе имитира – тоа е природно. Но може да избере кого. А родителите се тука да го насочат кон средина што го гради, а не го повредува.
Pexels