
„Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски – хибридно прозно патување низ книжевноста, музиката и филмот
Околу седум часот попладне, по надреалистичен спој на жешките сончеви зраци и пороен дожд, Скопје вчера (19 јуни) го пречека омилениот струшки писател и сликар – надреалистот Димитрие Дурацовски. Бурата не ги спречи многубројните книжевници, писатели, новинари, читатели и поклоници на делото на култниот автор да пристигнат во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, на промоцијата на неговата нова книга „Околу три по полноќ“. Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е прва објава на Дурацовски по пауза од една деценија.
Како што со возбуда се пренесуваше веста дека „Димче Дурацовски има нова книга“ низ скопските книжевни кругови, така и со радост беше прифатена информацијата дека „Дурацовски е тука, во Скопје“.
– Во Скопје дојдов со моите другари со кои се дружам од детството. Во Струга, секој ден во 12 часот пиеме кафе во една слаткарница, а потоа се среќаваме повторно во 19 часот во едно кафуле. Во меѓувреме, секој е преокупиран со своето секојдневие, а моето е опкружено со многу книги – постојано читам, слушам музика, гледам филмови... а понекогаш и нешто пишувам. Така настана и оваа книга, без некоја амбиција да биде нешто големо, прозаично – рече Дурацовски и го прочита воведот од книгата:
„Ние само ќе ги забележиме залезите на сонцето, по некој минувач, имињата на нашите блиски, долгите сенки на врелите летни попладниња, ноќното небо посеано со ѕвезди и шумот на брановите на езерските води. И потоа – ништо. Ќе исчезнеме и самите“.
Низ надреалистичната промоција, присутните ги водеа промоторите Влада Урошевиќ, кој го напиша поговорот на книгата, и уредничката Оливера Ќорвезироска.
Тие истакнаа дека „Околу три по полноќ“ е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник... прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето... но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност.
– Оваа книга е вистинскa посластица за љубителите на писмото на Дурацовски, но и општо за љубителите на поинаквото, различното, на „пловењето“ настрана од сите струи, правци и витли во книжевниот контекст; книга за губењето и наоѓањето на времето... Таа е надоврзување на четирите претходни книги на авторот (култните збирки „Тајна историја“ од 1986 и „Црни пророци“ од 1996, особено на романите „Insomnia“ од 2000 и „Бледи сенки, далечни гласови“ од 2014, за кои Дурацовски двапати го доби Рациновото признание) и само го потврдува впечатокот дека овој бележит автор пишува ЕДНА ИСТА КНИГА сето свое творечко време. ЕДНА ИСТА КНИГА – која ги содржи напишаните, но, најверојатно, ќе ги собере и неговите сè уште ненапишани книги – рече Ќорвезироска.
Влада Урошевиќ се осврна и кон потеклото на презимето Дурацо(вски), за кое истражувал и открил дека води од благородничко семејство од Албанија, преселено во Џенова, Италија, и на други места во регионот. Тука направи и врска со галеријата „Рафаел Дурацо“ во Париз, која ја посетил за време на одбележувањето 100 години надреализам – правец кој длабоко го одбележува творештвото на Дурацовски.
Тој раскажа и како го запознал авторот, со кој споделува многу слични афинитети – книжевни и, воопшто, уметнички.
Урошевиќ нагласи дека „Околу три по полноќ“, како и сите досегашни дела на Дурацовски, им носи обилна доза уживање на книжевните гурмани.
– Книгата отвора и големи дилеми за стручните следбеници на книжевната продукција: каде да се смести жанровски овој текст? Дали станува збор за неажурно воден дневник, за сентиментален албум на спомени, за збирка минијатурни есеи, или, можеби, за роман? Но, тоа не го мачи самиот автор: тој не им робува на книжевните правила, туку ги одбира темите што длабоко го засегаат. И ги запишува на начин кој му се чини најадекватен, најдиректен и најефикасен. Како резултат, добиваме низа куси текстови, често ограничени на една страница, кои – иако настанати по различни поводи – полека создаваат целина. Таа целина ги обликува хоризонтите кон кои се протегаат љубопитноста и сензибилитетот на овој исклучителен автор. А, тоа што го сочинува неговиот свет – впишан во ноќната мапа на несоницата, во парадигмите, фасцинациите и опсесиите – е, најверојатно, невозможно да се опфати со еден збор – подвлече тој.
Книгата, која е вклучена во едицијата Македонски книжевни класици на „Арс Ламина“, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни.
Во дизајнот на кориците, чиј автор е Марко Трпески, искористена е слика од самиот Дурацовски, врз која е интервенирано со негова фотографија. Колажната постапка на Трпески создава несекојдневен визуелен ефект, при што авторот на книгата и на сликата се појавува како реален лик: еднаш во костум (празничен примерок), другпат во обична кошула (делничен примерок).
Книгата „Околу три по полноќ“ е достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн на: www.literatura.mk.
*ПР објава