
„Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски – победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“
Ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски е победник на првиот конкурс за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“. На изборот за наградата, која ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка на семејството на Николова, пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во најтесен избор за наградата беше романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).
Жири-комисијата составена од: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка) во текот на работата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи, а особено од шареноликоста на авторите, темите и раскажувачките пристапи и техники. Меѓу ракописите имаше дела од писатели кои веќе се познати во книжевноста за деца, дела од писатели етаблирани во книжевноста за возрасни кои првпат пишуваат за деца, свежи дела од дебитанти во книжевноста воопшто. Спектарот на темите беше навистина богат, а беа засегнати и најгорливите теми на нашето време: булингот, осаменоста, (не)инклузивноста на децата со специфичен развој и од ранливите категории. Поради квалитативното издвојување и отскокнување на два ракописа уште од самиот почеток на жирирањето па сè до крајот („Џинџуџе“ и „Сам во рој“), по долги и опсежни разговори, жирито одлучи токму овие два исклучителни и меѓусебно мошне различни романи да се најдат во финалето: едниот како победник, другиот како најтесен избор со топла препорака до издавачот и за негово објавување.
Во образложението на жирито за победничкиот роман се истакнува:
„Романот ’Џинџуџе‘ од истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски е модерна бајка за потрагата по среќа, ситуирана во наше време и на наш простор. Бајковидноста и вештото и духовито реферирање на фолклорната традиција во романот остварени преку еден џин и едно џуџе (односно преку едно огромно и едно ситно дете), се исправени пред предизвиците на современиот живот обединети во таканаречената ’мол-култура‘ како неизбежен факт на нашето време. Џинџуџе е заедничко (и уметничко) име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество. Зближени по принципот на разлики и контрасти (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот е ситен и немоќен, интелектуално супериорен), пријателите се досетливи акробати кои изведуваат точки со велосипед низ Скопје, а особено во Сити мол. ‘Џинџуџе’ е прво дело за деца и млади од Ермис Лафазановски. Освен што романот е вистинско освежување во домашната продукција, тој најверојатно, според новата терминологија на spin off-постапката во денешните серии, е и прв книжевен приквел (prequel) на друго познато дело од истиот автор. Имено, романот за деца и млади ‘Џинџуџе’ е можно раскажувачко минато на истоимениот расказ за возрасни од збирката „Туја“ на Лафазановски од 2018 година, застапен во Малата антологија на современата македонска микрофикција ‘Летаат приказни’ од 2019; расказ според кој беше именувана и антологијата на македонскиот краток расказ ‘Џинџуџе во земјата на афионите’ од 2022 година. Овој приквел-роман на несекојдневен начин ги поврзува книжевноста за деца и онаа за возрасни. Во таа смисла, ’Џинџуџе‘ е и оригинален омаж на Оливера Николова којашто пишуваше и за деца и за возрасни; омаж кој ни отвора интересни прашања за тоа како целното раскажување за возрасни може да премине во раскажување за деца, и обратно; како роман може да протече од расказ, и обратно“.
Ермис Лафазановски (1961) е истакнат македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и бил негов долгогодишен директор. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар, чијшто претседател бил од 2014 до 2018 година. Има објавено повеќе трудови од областа на книжевноста и културната антропологија и има дадено значаен придонес во современата македонска проза. Добитник е на неколку книжевни признанија (наградата „Стале Попов“ на ДПМ и наградата „Прозни мајстори“ што ја доделува фондацијата „Македонија презент“). Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи: „Благородник“, „Опишувач“, „Роман за оружјето“, „Храпешко“, „Недела“, „Историја на луѓето кои умреа од страв“; неколку збирки раскази – „Половина божилак“, „Кога во Скопје ги беа измислиле чадорите“, „Егзотична кантата“, „Туја“; како и повеќе научни студии, зборници и монографии – „Традиција, нарација, литература“, „Македонските космогониски легенди“, „Текст и менталитет“, „Антрополошки дијалози“... Лафазановски преведува од романски јазик и досега има преведено повеќе од дваесет книги од современи романски автори.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година.
„Арс Ламина“ го распишува и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026 година. Конкурсот ќе трае од 11 септември 2025 година до 11 јануари 2026 година. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници). Ракописите треба да се достават по електронска пошта на адресатаkonkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.
Целосното образложение на жири-комисијата можете да го проследите на следниот линк: https://arslamina.com/obrazlozhenie-od-zhiri-komisijata-za-izborot-na-pobednichkiot-rakopis-za-nagradata-olivera-nikolova-za-2025-godina-2/
ПР објава