Учениците ги предаваат своите телефони на влезот во училиштето: Директорката Марија вели дека овој чекор „ги надмина сите очекувања“

Во училиштето Кунгсвагенс во Финска е воведена целосна забрана за мобилни телефони, учениците ги предаваат на влезот, а наставниците велат дека училниците се потивки и децата се дружат повеќе.
Во училиштето Кунгсвагенс за ученици на возраст од 13 до 15 години во Сипо, североисточно од Хелсинки, Финска, наставниците секое утро ги собираат телефоните на учениците и ги заклучуваат во посебна просторија до крајот на часот.
Директорката Марија Талберг вели дека преминот кон училиште без телефони „ги надмина сите очекувања“.
„Секако, тие малку се жалеа на почетокот, особено затоа што не можат да ги користат ниту на одмор, но длабоко во себе разбираат зошто е важно. Многумина дури и признаа дека не сфатиле колку се зависни од своите телефони“, изјави Талберг за АФП за време на неодамнешната посета.
Нов закон со кој се забрануваат телефоните за време на часовите стапи на сила 1-ви август низ цела Финска, земја позната по високиот квалитет на образование. Неколку општини и училишта одлучија да ја прошират забраната и на одморите.
Претходно, Финската Национална агенција за образование препорача само ограничување на употребата на мобилни телефони на час.
Забраната доаѓа во услови на глобална дебата за тоа како употребата на паметни телефони влијае не само на менталното и физичкото здравје, туку и на учењето. Бројни извештаи, вклучително и еден од УНЕСКО во 2023 година, предупредуваат дека телефоните во училницата се мешаат во концентрацијата и учењето. Неколку земји веќе воведоа слични мерки, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Италија, Холандија и Франција.
„Сосема различно“
Наставничката по хемија Аника Раилила вели дека училниците сега се потивки и дека децата се помалку расеани.
„Претходно, мораше да ги потсетуваме на речиси секој час дека телефонот останува во торбата и да не го користат“.
Таа исто така додава дека учениците сега се дружат повеќе за време на одморот.
„Сега всушност можете да им ги видите очите и лицата, што е многу поубаво отколку да се поздравите со некој што гледа во екран“.
Петнаесетгодишниот Кије Линдфорс ја опишува новата атмосфера како „сосема поинаква“.
„Повеќе разговарам со другите, а имаме и соба со друштвени игри, па паузите ги поминувам таму играјќи. Навистина е забавно“, рече тој.
Неговата пријателка Лота Кнапас смета дека училиштето станало „многу побучно“ и „диво“.
„Разбирам дека не ни е дозволено да користиме телефони на час, но глупаво е што ни ги одземаат цел ден“, вели таа.
Во меѓувреме, четиринаесетгодишниот Оскар Ингман се плаши дека некои ученици ќе станат поосамени.
„Гледам дека многумина се посоцијални и повеќе зборуваат, но повремено има и такви што седат сами во ходник“, вели тој.
Директорката Талберг истакнува дека училиштето организира активности за децата да не останат без содржина и додава дека сајбер-насилството е веќе помалку.
„Претходно, учениците често снимаа за време на часот и за време на паузите, па моравме да истражиме кога тие снимки ќе се рашират насекаде“, рече таа.
Превртување на трендот
Финска го воведе законот по падот на образовните резултати, објаснува министерот за образование Андерс Адлеркројц.
„Забележавме, како и многу други земји, дека нашите вештини за читање и математика се ослабени. Финскиот пристап е да се размислува како да се создаде повеќе простор за учење и настава. Отстранувањето на факторите што го одвлекуваат вниманието од училницата помага во тоа“, рече министерот.
Најновите резултати од тестот PISA од 2022 година покажаа пад на знаењето на 15-годишниците по математика, разбирање на читањето и наука. Сепак, Финска е сè уште над просекот на OECD во сите области меѓу 38-те земји-членки.
Адлеркројц нагласува дека забраната на телефоните не значи напуштање на дигиталниот свет.
„Важно е децата да имаат физички книги, но тие мора да бидат и дигитално писмени. Но, во светот што брзо се менува, можеби задачата на училиштето е да научи да забави, да биде место каде што мора да прочитате подолг текст, да се фокусирате на едно нешто и трпеливо да работите на долгорочна цел“, вели тој.
(EUpravo zato)
