„Мојата Теодора почина за два дена – ја заболе грлото, доби лек, а потоа почна да крвари“ Мајката на Теодора девет месеци се обидува да дознае што се случило

Четиригодишната Теодора Пешиќ од Младеновац починала на 6 февруари, само два дена откако добила наизглед обична инфекција на грло. Мајката Јелена раскажува дека детето имало температура и болка во грлото, по што лекарите ѝ препишале антибиотик.
Сè изгледало нормално – се играла и се смеела, сè до ноќта кога Јелена се обидела да ја разбуди за да ѝ даде лек, но Теодора не реагирала, пишува српски Курир.
Во паника ја однела во Итната помош во Младеновац, каде била 40 минути, а потоа итно ја префрлиле во болницата „Тиршова“. Во возилото почнала да крвари од устата. Последните зборови што ги изговорила биле: „Грло“.
Во болницата лекарите констатирале масивно крварење, едем на мозокот и губење на свест. Иако била крстена додека се борела за живот, девојчето починало истиот ден во 18 часот.
Обдукцијата покажала дека смртта настапила поради хеморагиска дијатеза – тежок поремет на згрутчување на крвта, но причината за тоа не е утврдена.
Вишото јавно обвинителство во Белград потврдило дека е покренат случај и дека се чека извештај од полицијата и лекарите, како и комплетна медицинска документација.
„Не можам да сфатам што се случи. Сè направив како што рекоа лекарите, а моето здраво дете почина за два дена. Сакам само вистина – тоа му го должам на моето дете,“ вели скршената мајка Јелена Пешиќ.
Извор: Курир.рс / Ружица Кантар/ Фото извор: Приватна архива
