
Зошто во некои семејства се раѓаат само момчиња? Еве кој има поголеми шанси да има само деца од ист пол
Нови откритија за тоа зошто некои семејства имаат само деца од ист пол, т.е. само момчиња или само девојчиња.
Дали некогаш сте се запрашале зошто во семејството се раѓаат само момчиња или само девојчиња? Ако е така, не сте единствените - ова прашање ги заинтригирало и научниците од Харвард кои спровеле истражување за да го пронајдат одговорот.
Тие ги анализирале записите за раѓање на повеќе од 58.000 американски медицински сестри родени помеѓу 1956 и 2015 година за да утврдат што влијае на полот на бебето.
Што откриле?
Во семејствата со две деца, паровите обично имаат момче и девојче. Но, кога станува збор за семејства кои имаат три или повеќе деца, работите се малку поинакви, односно во тие семејства има поголема шанса да се родат само момчиња или само девојчиња. Со други зборови, ако веќе имате три сина, науката вели дека има голема веројатност и четвртото дете да биде момче.
Покрај тоа, нова студија од Харвард покажа дека ако веќе имате неколку деца од ист пол, тоа ги намалува шансите да имате бебе од спротивниот пол сега. Поедноставно кажано, во семејства каде што има три момчиња, шансите следното дете да биде момче се 61 процент. Во семејства со три девојчиња, шансите следното дете да биде девојче се 58 проценти, а овие резултати се објавени во списанието „Science Advances“, објавува „Times of India“.
„Овие наоди покажуваат дека не е вистина она што им се кажува на паровите за полот на бебето, дека во секоја бременост има 50-50 шанси да се добие дете од одреден пол. Земајќи ги предвид овие наоди, шансите паровите да добијат дете од спротивен пол од оној што веќе го имаат се помали од 50:50“, вели гинекологот и истражувач од Универзитетот во Мелбурн, д-р Алекс Полјаков.
„Ако имате две или три девојчиња и сакате да имате момче, треба да знаете дека шансите не се 50:50“, вели водечкиот автор на студијата, Хорхе Ксаваро. „Постојат поголеми шанси повторно да имате девојче“.
Уште поинтересно е што возраста на која жените го раѓаат своето прво дете, исто така, игра улога во „одредувањето“ на полот. Имено, жените кои го родиле своето прво дете на 29 години или подоцна имале 13 проценти поголеми шанси да родат дете од ист пол во споредба со жените кои почнале да раѓаат пред 23 години. Ако се прашувате зошто, научниците мислат дека тоа има врска со pH вредноста на вашата вагина. Како што жените стареат, „хемијата“ на нивното тело се менува и ова потенцијално може да работи во корист на X или Y хромозомот.
Секако, факторите поврзани со таткото влијаат и на полот на бебето, иако тие не беа земени предвид во оваа студија.
„Можеби ќе бидат потребни години за целосно да се разбере зошто некои семејства имаат деца само од едниот или другиот пол, но ова истражување е добар почеток“, рече Ксаваро.
Фото: Freepik.comИзвор: Yumama.mondo.rs