
ПРВА НАГРАДА ЗА НАШИТЕ МЛАДИ ПИЈАНИСТИ СРНА ЗАФИРОВИЌ И ТЕОДОР ПРОШЕВ ВО ЊУЈОРК, ВО ПРЕСТИЖНИОТ ДИМЕНА ЦЕНТАР ЗА КЛАСИЧНА МУЗИКА ВО СРЦЕТО НА МЕНХЕТЕН
Срна Зафировиќ и Теодор Прошев, како добитници на прва награда, настапија во преполната сала на музичкиот центар „Di Menna“ во срцето на Менхетн, во Њујорк каде беа одржани концертите на победниците од натпреварите по музика организирани од IYMC – International Youth Music Competitions на кои се претставија најдобрите млади музички таленти од целиот свет.
Во текот на четирите концерти, околу 150 млади таленти, пијанисти, солисти, камерни ансамбли од многу земји ширум светот како Кина, САД, Филипини, Франција, Италија, Јапонија, Република Полска, Романија итн. блескаа на сцената во Њујорк со своите уметнички перформанси. Сите тие, во текот на целата година, внимателно беа оценувани од еминентно интернационално стручно жири составено од врвни професори од различни земји, од петте континенти од светот, кое ги препозна квалитетите и на нашите млади пијанисти Срна Зафировиќ и Теодор Прошев и им додели прва награда. По завршувањето на онлајн натпреварувањето и оценката од стручното жири, само најдобрите беа поканети во Њујорк на рециталот, за уште еднаш во живо да го прикажат својот талент и уметничките способности.
На еден од концертите на 30 август, во Менхетен, во престижниот Димена центар за класична музика, свиреа и Срна и Теодор и по нивниот успешен настап, им беа доделени медалите и дипломите за нивните први награди.
-Да се добие покана за Њујорк за нас беше голема радост, а да се успее да се отиде таму претставува навистина голем предизвик. Им благодариме единствено на нашите родители, јасно е дека без соодветна поддршка на нашите родители ваквите големи проекти за нас би биле неостварливи-рекоа Срна и Теодор, пресреќни поради уште еден реализиран сон.
Срна Зафировиќ и Теодор Прошев се добитници на голем број награди на државни и меѓународни натпревари (Италија, Шпанија, Швајцарија, САД, Словенија, БИХ..), а имаат учествувано и на бројни концерти организирани од државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“.
Срна Зафировиќ и Теодор Прошев се младите културни амбасадори на Македонија. Тие својата приказна за нашата земја ја раскажуваат преку пијаното, преку музиката и свирењето на класични дела од познати светски композитори. Срна и Теодор се двигатели на културата, и на промените, зошто музиката не е само свирење на пијаното туку и уживање и запознавање на млади таленти и пријатели од целиот свет. Рециталот во Њујорк беше можност за нови познанства, нови искуства, нови покани за настапи низ светот, нови знаења. Младите културни амбасадори, Срна и Теодор не свират само композиција на светски автор, туку прават и промоција и на својата земја.
Иако во Република Македонија нема музеи како Метрополитен во Њујорк, Лувр во Париз или Ермитаж во Санкт Петербург, иако овде нема објекти како Египетските пирамиди, Кинескиот ѕид, Мачу Пикчу во Перу, Таџ Махал во Индија или Римскиот Колосеум, Срна и Теодор на светската сцена, со медалите и дипломите со гордост го веат македонското знаме, бидејќи Македонија е земјата од каде доаѓаат, земјата која има своја убавина, историја и приказна.
И Срна и Теодор на сцената во престижниот Димена центар чувствуваа огромна одговорност заради довербата што им беше дадена од страна на нивните професори, Милан Јанкулоски и Марија Максимова. Беа пресреќни не само затоа што се во Њујорк, туку и заради пофалбите од членовите на интернационалното жири составено од еминентни музичари, и аплаузот од публиката.
Овие високи резултати на Срна и Теодор се резултати и на нивното училиште „Илија Николовски-Луј“, на нивните професори, но и на Македонија. Со својот личен позитивен пример, со своите успеси, закитени со безброј меѓународни награди, Срна и Тео се доказ дека само со работа и упорност соништата се остваруваат.
Срна и Теодор со нивната успешна приказна нека бидат поттик и мотив на многу млади и талентирани деца, на многу сегашни и идни генерации. Срна и Теодор се потполни свесни дека после секој светски успех им претстои уште повеќе вежбање и поголема посветеност. Едвај чекаат нови композиции за учење и за свирење, нови натпревари и нови победи.