
Лазар Еленовски: Во книгата „Пробив кон глобална алијанса“ ги откривам непознатите познати на НАТО
Светот стои на раскрсница - и НАТО исто така. Црпејќи од своето повеќедецениско искуство во дипломатијата, безбедноста и меѓународните односи, некогашен министер за одбрана, амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург и специјален претставник на нашата држава во НАТО, Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“. Книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, беше промовирана вчеравечер (18 септември), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Модератор на настанот беше Сеад Ризвановиќ.
- Книгата е мој личен придонес кон нешто кон кое сум бил посветен три децении. Иако идејата за самата книга е стара четири-пет години кога почнав да ги формулирам идејата и концептот за книгата, чувствував личен долг и, ако може да кажам, морална одговорност да образложам концепт со кој досега успешната безбедносна алијанса на западниот свет ќе продолжи да го дава својот придонес кон светскиот мир и стабилност и ќе ги избегне историските стапици и предизвици кои би можеле да ја загрозат нејзината релевантност, а кое е нешто со кое се соочува секој општествен феномен или творба - истакна Еленовски.
– Терминот непознатите познати подразбира работи за кои не сме свесни дека ги знаеме, односно не знаеме дека ги знаеме. Тоа е своевиден парадокс, но впрочем сведоци сме самите дека самиот живот е полн со парадокси. За таков парадокс и зборувам во книгата кога ги анализирав НАТО и неговите трансформации посебно од крајот на Студената војна до денес, неговите главни лостови, како што се САД и европските сојузници, нивните главни геополитички конкуренти, како што се Кина и Русија, но и преостанатите нормали или стандарди на денешната светска безбедносна реалност - објасни тој.
Со оваа книга намерата на авторот е да ја доближи македонската публика до реалностите кои ги продуцираат современите безбедносни, надворешнополитички и геополитички трендови.
- Како и насекаде во светот, и кај нас доминираат митови за одредени состојби, што со јазикот на книгата значи дека претставуваат за нас непознати познати. Затоа подобро е ако се видат работите во вистинско светло за потоа и реакцијата да биде соодветна или продуктивна за самата држава. Историскиот пат на Македонија од нејзиното осамостојување, за жал, покажува дека ние почесто не знаеме како да реагираме пред меѓународните предизвици, посебно големите и реагираме несоодветно, недоволно или погрешно. На тој начин уште повеќе ја отежнуваме сопствената состојба и го загрозуваме процесот во кој се наоѓаме – рече тој.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава