
Злато за Македонија: Владимир Грчев стана европски шампион по информатика
Интересот на Владимир за науката се појавил уште од најмала возраст – додека другите деца играле со играчки, тој расклопувал и спојувал стари апарати. На три години знаел да собира и одзема, а веќе на четири години пишувал букви и бројки.
Македонскиот ученик Владимир Грчев од ООУ „Братство“ – Карпош ја направи Македонија горда, освојувајќи златен медал на Европската информатичка олимпијада. Со ова постигнување, младиот талент се вброи меѓу најдобрите во Европа и стана инспирација за сите млади кои сонуваат големи соништа.
„Нашето дете донесе злато од Европската информатичка олимпијада и ја направи Македонија горда пред цела Европа. Зад оваа голема победа стојат години труд, пожртвуваност и безброј часови посветеност. Но најважно – љубовта кон знаењето и вербата дека ништо не е невозможно. Владимир не е само наше дете, туку и светлина и инспирација за сите млади,“ напишаа гордите родители, Васил и Анита Грчеви.
Ова не е прв успех за Владимир. Минатата година од Европската олимпијада по информатика за јуниори во Молдавија се врати со бронза, а на Балканската јуниорска олимпијада по информатика освои уште еден бронзен медал. Истиот период блескаше и на националните натпревари – стана државен првак по информатика, освои злато на Македонската јуниорска олимпијада по информатика и математика, како и сребро на Балканската математичка олимпијада за млади.
„Владимир е првенец на генерацијата и гордост на нашето училиште. Со неговите успеси блеска и ООУ ‘Братство’, под менторство на наставничката Ана Дионисиева. Сигурни сме дека ќе продолжиме да се радуваме на неговите идни победи,“ објавија од училиштето.
Интересот на Владимир за науката се појавил уште од најмала возраст – додека другите деца играле со играчки, тој расклопувал и спојувал стари апарати. На три години знаел да собира и одзема, а веќе на четири години пишувал букви и бројки.
Со секое свое ново достигнување, Владимир не само што ја претставува Македонија во најдобро светло, туку и потсетува дека трудот, талентот и љубовта кон знаењето секогаш носат успех.