Со книгата „Италијанската литература и култура...“ студентите ќе откријат нова димензија на барокот, просветителството и неокласицизмот

Поттикнати од потребата да се збогати наставата по италијанска книжевност со дело што на едно место ќе ги обедини најзначајните италијански автори и изданија од 17 до почетокот на 19 век, професорките од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска, го создадоа делото „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“. Книгата, во издание на „Арс Ламина“, беше промовирана вчеравечер (29 октомври) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Настанот се одржа во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот, а по тој повод, пред присутните се обрати заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија, Морено Ѕела.

Кон значењето на оваа книга и нејзиното објавување се осврнаа промоторката проф. д-р Анастасија Ѓурчинова и уредничката Цветанка Стоилова. Тие истакнаа дека делото ги запознава читателите со творештвото и достигнувањата на најистакнатите претставници на италијанскиот барок, просветителство и неокласицизам, нагласувајќи ги нивните идеи и придобивки врз понатамошниот развој на науката и културата на глобално ниво. Теоретскиот дел е поткрепен со извадоци од нивните дела, а паралелно со книжевните вредности, книгата нуди и преглед на значајни уметнички остварувања од областа на музиката, скулптурата, архитектурата и сликарството.

-Создавањето на оваа книга е непосредно поврзано со нашата педагошка дејност во изминатите петнаесет години, во кои се фокусиравме на темите што го следат културниот и уметничкиот развој на европските народи од 13 до 18 век. Материјалот за книгата се менуваше низ годините, пристигнуваа нови изданија и осврти, кои ги класифициравме во историски, филозофски, уметнички и книжевни досиеја. Делото е составено од текстови со различна провениенција – од извадоци за судењето на Галилеј до записи за театарските изведби на Барбиери. Нашата цел беше да создадеме книга за Италија која ќе биде читлива, јасна и разбирлива, еднакво корисна за студентите и за пошироката јавност. Таа е резултат на долготраен процес на процена, селекција и собирање еклектичен материјал – изјави проф. д-р Ева Ѓорѓиевска.

Делото ги претставува специфичностите на италијанската литература и култура од 17 до почетокот на 19 век, нудејќи поширок увид во пресвртната точка на цивилизацискиот развој од тој период.

– Во овој период се менува целосната визија за светот – геоцентричната теорија е заменета со хелиоцентричната, а пронајдоците овозможуваат подобро разбирање на местото на човекот во универзумот. Емпирискиот метод на Галилеј произлегува токму од тоа време, а овие откритија стануваат темел на современата наука и технологија. Авторите прикажани во книгата ги достигнуваат овие сознанија преку синтеза на теологијата, математиката и астрономијата, а во своите дела тоа го претставуваат со исклучителни реторички вештини. Фасцинантен е начинот на кој Галилеј се брани од осудата на Црквата, обединувајќи ја верата и науката за да продолжи со истражувањата. Поезијата, пак, го следи духот на времето – таа е општествено ангажирана и ги слави новите пронајдоци и новата визија за светот. Во уметноста се надминува ренесансната хармонија и се експериментира со понагласени форми, бои, сенки и светлина. За жал, овој период е неправедно запоставен во наставните програми, за разлика од хуманизмот и ренесансата. Дополнително, во последните години и самиот термин „барок“ кај нас стекна неоправдано негативна конотација. Целта на нашето дело е да придонесеме кон надминување на тие недоразбирања и да ги доближиме културните и уметничките вредности на оваа епоха до пошироката македонска јавност – изјави проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска.
Книгата е достапна во поголемите книжарници, како и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава




