
Од Кавадарци до Дубаи: Сара Алексова има 20 години, зборува 6 јазици и светот го слуша нејзиниот глас за промени на глобално ниво
Таа е млада, тивка и скромна, но со поглед полн со соништа што се простираат далеку – од Македонија, до Женева, Дубаи и Хајделберг. Сара Алексова има само 20 години, но нејзината приказна зборува за зрелост, хуманост и длабока љубов кон светот. Не ја води желбата за титули, туку вербата дека преку образование, добрина и истрајност може да се направи промена – вистинска, долготрајна и човечна.
Родена во Кавадарци, Сара го започнува своето образовно патување во татковината, но животот ја води во Швајцарија – земја која ѝ отвора нови можности, но никогаш не ги заменува нејзините корени. Таму ги гради темелите на својата хуманост, учејќи од семејството, училиштето и општеството. Од медицински пракси до врвни меѓународни конференции, од скромна волонтерска работа до големи академски успеси – секој чекор е дел од нејзината визија: да биде жена која не само што зборува за промени, туку и ги создава.
- Основното образование го завршив до VIII одделение во Македонија. Со моето семејство се преселивме во Швајцарија со цел да имам поголеми можности за образование и развој. Родителите од мали нозе ми ги вкоренија вредностите на хуманост, скромност, соработка и помагање на другите – принципи што ме водат во секој мој чекор. Во почетокот, започнав да студирам медицина и поминав две години средно образование во Швајцарија. Имав среќа да практикувам во приватната клиника Hirslanden, на одделот за деца заболени од рак. Тоа искуство ми покажа колку е важна посветеноста и човечноста во животот, но сфатив дека мојата страст е повеќе насочена кон право и политика, каде што можам да влијаам на пошироки системски промени. Поради тоа се префрлив на International Baccalaureate (IB) програмата на едно лондонско училиште. Таму добив сеопфатно образование кое ми помогна да развијам критичко размислување и меѓународна перспектива – открива Сара.
Во текот на образованието, активно учествувалa во обуки и курсеви од областа на правотo и политикатa, меѓу кои и курсот за американски политички институции (Congress, Presidency, Courts and Bureaucracy) на Harvard University, предавања од професорот Thomas Petterson.
- Пред завршувањето на средното образование, по препорака и поддршка од мојата професорка по политика од Лондон, учествував на Меѓународната конференција за најдобри млади дипломати во Дубаи. Таму имав можност да соработувам и да се инспирирам од луѓе како Malik Nadeem, Secretary General на International Human Rights USA, и Mr. Rebar Jaff, поранешен секретар на Disarmament Advisory Board на ОН. Тие ми рекоа: „Ваша должност, како идни дипломати, е да ги потсетувате вашите земји дека, кога ќе дојдете на позиција на моќ, никогаш да не заборавите од каде потекнувате. Исто така, немојте да се обидувате да блеснете само поради вашата титула. Нека вашата титула блесне поради тоа кои сте вие.“ Овие зборови ја зацврстија мојата одлука да се посветам на интернационалното право и политика, со најголем фокус на дипломатијата. – појаснува Алексова која студира на Schiller International University во Хајделберг, Германија, универзитет со кампуси и во Флорида, Париз и Мадрид.
- Го избрав поради близината до Швајцарија и до интернационалните центри на дипломатијата, како Женева. Студирам Меѓународни односи и дипломатија и паралелно добивам двојна диплома од британскиот Roehampton University. На студиите се издвојувам како одлична студентка со висок просек, обезбедувајќи стипендија која покрива 70% од трошоците, а во тек е и иницијатива за целосна стипендија. Постојано работам на својот личен развој и во моментов учам два нови јазици, со што го дополнувам моето веќе напредно познавање на шест јазици. - посочува таа.
Со страст кон интернационалното право, ангажман во Црвен Крст и студии во Европа, Сара е симбол на младата генерација што не се плаши да сонува и да дејствува.
- Во рамки на мојата хуманитарна работа, сум дел од тимот на Црвениот Крст во Швајцарија, каде што иницирав и учествував во собирање донации за жртвите од трагедиите во Кочани (каде што изгореа деца во клуб), земјотресот во Турција, како и за кризите во Судан и Конго. Овие искуства ми покажаа колку е важна солидарноста и практичната помош во најтешките моменти. Имам голема желба и амбиција да направам пракса во Амбасадата на Македонија во Швајцарија, за да стекнам не само теоретско знаење од факултетот, туку и практично искуство во дипломатскиот живот. Со своето знаење и искуство, сакам да придонесам и за развојот на Македонија и преку својата приказна да мотивирам други млади луѓе да веруваат дека со цврста волја, упорност и храброст може да се надминат сите предизвици и да се постигнат големи успеси. – заклучува Алексова.
Соња Алексоска Неделковска