Без пари и со љубов се обновува улицата на Тоше во Крушево: Децата ги бојадисуваа скалите, обожавателка од Србија донесе саксии со цвеќе

Без пари и со љубов се обновува улицата на Тоше во Крушево: Децата ги бојадисуваа скалите, обожавателка од Србија донесе саксии со цвеќе

Објавена во: Crush Of The Week, Другарство

„Некогаш улицата „Тоше Проески“ во Крушево живееше со душа – се слушаше музика, се гледаа фотографии, имаше цвеќе, се чувствуваше топлината на човекот по која го носи името. Потоа стана, запуштена, тивка, како да заборавивме кој беше Тоше. Затоа повикувам – да не дозволиме улицата што го носи неговото име да биде заборавена. Да ја оживееме со љубов, со спомени, со мал гест кој ќе покаже дека не сме го заборавиле. Да ја направиме место каде што срцето повторно ќе чука во ритамот на Тоше“. Овој повик на Стерули Штерјовски еден од најдобрите другари на музичката легенда наиде на голем одзив во Крушево.

Улицата оживеа, веќе се слушаат песните на македонската музичка легенда.


-Тоше не беше само музичар, беше светлина, глас на добрината, човек со срце поголемо од светот. За нас што имавме чест да го познаваме, тој беше и ќе остане другар, брат, инспирација. На мојата иницијатива се приклучи Андреј Николовски, неговиот братучед, а потоа и останатите другари. Една обожавателка на Тоше донесе саксии со борови дрвца и цвеќиња за цела улица. Ќе поставиме нови фотографии кои ни ги подари фотографот Горан Десковски. Ги оспособивме каблите кои беа скинати од звучниците кои се на канделабрите и сега се слуша музика – открива Штерјовски и дополнува дека скалите по улицата се бојадисуваат по идеја на професорот Емил Солевски од крушевската гимназија „Наум Наумовски Борче“.


- Деца од различна возраст ги бојадисува скалите со голема љубов. Тие веќе имаат искуство- ги бојадисуваа камењата на влезот на Крушево. Во нивното организирање ни помогнаа професорките Надица Нане и Зорица Чавкаровска. Имаме поддршка и од градоначалникот. Кристина Арнаудова ја купи бојата за бојадисување на скалите. Подготовките се при крај. Таква е силата на Тоше. Не обедини сите и од сите страни – вели Штерјовски.

С.А.Н


Објавена во: Crush Of The Week, Другарство

Можеби ќе ве интересира: