Преоптоварени деца – тивка опасност на модерното време

Преоптоварени деца – тивка опасност на модерното време

Објавена во: Совети // Семејство

Во време кога успехот на детето сè почесто се мери со бројот на запишани активности, странски јазици и посетени работилници од различен тип, како педагог чувствувам потреба да потсетам на една важна вистина: развојот на детската интелигенција не зависи од количината содржини што ќе им ги „спакуваме“ и подготвени ќе им ги сервираме, туку од квалитетот на искуствата што ги проживуваат.

Современата невронаука јасно покажува дека мозокот на детето најдобро се развива преку спонтана игра, слободно истражување, движење, престој во природа и емоционално сигурни односи. Токму во тие ситуации се создаваат најсилните невронски врски – оние што се основа за подоцнежно учење, концентрација, логичко размислување и емоционална стабилност.

Престојот во природа докажано влијае врз развојот на вниманието, моториката, креативноста и емоционалната регулација кај децата. Истражувањата покажуваат дека децата кои редовно престојуваат надвор имаат подобра концентрација, пониско ниво на стрес и поразвиени социјални вештини. Природната средина ја поттикнува љубопитноста, истражувањето и поставувањето прашања – токму оние способности што се темел на интелигенцијата.

Кога детето во природа се качува на дрво, гради куќичка од гранки, прави патека од камчиња, набљудува инсекти или копа по земја, тоа не „губи време“. Тоа развива просторна ориентација, фина и груба моторика, логичко заклучување, трпение и истрајност. Тоа се сложени когнитивни роцеси што не може да ги замени ниту една работна тетратка.

А што е со децата што имаат јасно испланиран секојдневен распоред во текот на целата работна недела?

Преоптоварени деца – тивка опасност на модерното време. Така можеме да го наречеме овој феномен.

Во желбата да им го дадеме „најдоброто“, често несвесно ги преоптоваруваме. Денешните деца од предучилишна и помала училишна возраст неретко имаат распоред што и возрасен тешко би го издржал: градинка или училиште, па странски јазици, спорт, музичко училиште, работилници, приватни часови.

Научните студии предупредуваат дека премногу структуирани активности во рана возраст можат да доведат до зголемена анксиозност, намалена внатрешна мотивација и послаб развој на креативноста. Децата што немаат доволно време за слободна игра често стануваат пасивни приматели на содржини, наместо активни истражувачи на светот.

Интелигенцијата не е количина на информации што детето ќе ги запамети, туку способност да размислува, поврзува, решава проблеми и да се разбира себеси и другите. Книгите се драгоцен ресурс, но не смеат да станат средство за притисок. Детето што преку игра, разговор и секојдневни искуства развива љубов кон учењето, само ќе посака да чита, истражува и да дознава повеќе.

Форсирањето на рано учење букви, броеви и сложени содржини често носи краткорочни резултати, но може да создаде долгорочен отпор кон училиштето и учењето. Развојот на мозокот има своја природна динамика. Секое прерано „забрзување“ на тој процес може да ја наруши рамнотежата меѓу когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој.

На децата им е потребно време. Време да им биде досадно. Време самите да ја осмислат играта. Време да грешат. Време да го истражуваат светот со сопствено темпо.

Најголемиот подарок што можеме да им го дадеме не е совршено испланиран распоред, туку сигурна средина, слобода на движење, поддршка, разбирање и доверба во нивните внатрешни потенцијали.

Да ѝ дозволиме на природата да си ја врши својата работа. Таа тоа го прави илјадници години – и го прави совршено, иако често не сме свесни за тоа.

Извор: Зелена учионица

Фото: Пинтерест

Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: