8 типови токсични родители и како влијаат врз вас

8 типови токсични родители и како влијаат врз вас

Објавена во: Совети // Семејство

Ако често се чувствувате анксиозно, виновно или како никогаш да не сте „доволно добри“ покрај родителите, тоа е предупредувачки знак. Токсичните родители критикуваат, контролираат или манипулираат наместо да поддржуваат.

Не е тајна дека секое семејство има свои уникатни навики, традиции и личности. Некои семејства се исполнети со бескрајна смеа, други со тивка напнатост.

Иако секое семејство има свои подеми и падови, некои родителски однесувања ја преминуваат границата, и оставаат длабоки емотивни лузни врз нас и тивко нè обликуваат како возрасни личности.

Токсичното родителство не секогаш вклучува викање или строги казни. Тоа често се крие зад маската на „заштита“, „љубов“ или „дисциплина“, што го прави тешко да се доведе во прашање.

Затоа, разбирањето на различните типови токсични родители може да биде прв чекор кон исцелување.

Во продолжение, да ги разгледаме 8-те најчести типови токсични родители кои, свесно или несвесно, го обликуваат начинот на кој нивните деца растат, размислуваат и сакаат:

Нарцисоидни родители

Таквите родители прават да се чувствувате како целиот ваш живот да е создаден за да им угоди ним.

Тие често можат да кажат нешта како:

„Сè жртвував за тебе!“ или „Ме направи да изгледам лошо!“

За надворешниот свет можат да изгледаат шармантни и дури совршени, но зад затворени врати сè се врти околу нивните потреби, нивниот имиџ и нивните емоции. Вашиот успех е нивен успех, а вашите грешки се нивно понижување.

На долг рок, ваквото токсично родителство создава постојан сомнеж во себе, бидејќи детето се чусвтсвува како постојано да „оди по јајца“. А најтешкиот дел? Оваа условна љубов се манифестира како страв од неуспех и тешкотии во поставување граници во зрелата возраст.

Родители што ги потценуваат чувствата

Ако некогаш сте слушнале: „Престани да плачеш, не е ништо страшно“ или „На другите им е полошо, биди благодарен“, веројатно ја знаете болката од тоа да имате родител што ги потценува чувствата.

Тие несвесно веруваат дека ве прават поцврсти и ве подготвуваат за реалниот свет, но со тоа прават да се чувствувате како вашите емоции да не се важни.

За нив е бесмислено да им зборувате за страв, разочарување или тага, бидејќи тие го гледаат тоа како слабост.

Наместо емпатија, реагираат со иритација и дистанца.

Како возрасни, може да имате потешкотии во создавање емоционално блиски односи, бидејќи сте научиле да ги потиснувате чувствата. Овој длабок прекин со сопствените емоции може да ве направи затворени, рационални или склони кон избегнување.

Пасивни родители

Ова се родителите од типот „Не сакам да се мешам“.

Пасивните родители молчат за да избегнат конфликт кога треба да реагираат. Живеат во илузија дека игнорирањето на проблемите ќе ги реши само по себе.

На површина изгледаат смирени и опуштени, но зад фасадата се крие избегнување и страв.

Кога работите ќе станат комплицирани и навистина ви треба некој покрај вас, се чувствувате напуштени и ранливи.

Децата воспитани од вакви родители често толерираат лош третман за да „го одржат мирот“. Несвесно учат да избегнуваат тешки разговори и да го потиснуваат гневот, бидејќи конфликтот им изгледа заканувачки.

Експлозивни родители

„Како постојано да чекорите по лушпи од јајца“ – токму така се чувствува растењето со експлозивен родител. Овие родители се како променливо време – во еден миг владее мир и тишина, која може да се промени во бура за неколку секунди.

Во еден момент сè е во ред, а веќе во следниот момент викаат и удираат врати.

Ова непредвидливо однесување ги држи децата во постојан режим на тревога – еден од јасните знаци на токсично родителство.

Наместо да го контролираат гневот, тие се истураат со закани, навреди или дури физичка агресија. Детето рано учи дека и најмалата грешка може да предизвика емоционална бура.

Таквите деца растат хипербудни – постојано ги „скенираат“ расположенијата на другите. Ова често води кон анксиозност и емоционално исцрпување.

„Тигар“ родители

Ако сте растеле со „тигар“ родител, го знаете постојаниот притисок да бидете најдобри во сè. Тие ве туркаат да постигнувате повеќе, дури и по цена на вашето ментално и физичко здравје.

Нивниот строг фокус на дисциплина и успех не остава простор за грешки, што ја уништува самодовербата на детето. Иако ова родителство може да изгледа како „грижа“, испраќа опасна порака: „Вие вредите само ако сте успешни“.

Децата воспитани со вакви очекувања развиваат хронична самокритика и страв од одмор. Претераниот работохолизам и доживувањето на малите грешки како големи неуспеси постепено водат кон сериозно прегорување.

„Хеликоптер“ родители

Еден од главните знаци на токсично родителство е непотребната прекумерна заштита во името на грижата.

Овие родители постојано „лебдат“ над животот на своите деца, обидувајќи се да спречат грешки, неуспеси или дури мала непријатност.

Иако имаат добри намери, тие им ја одземаат независноста на своите деца. Ова создава чувство на задушување во односот, бидејќи постојано се грижат и контролираат. Како резултат, детето никогаш не учи отпорност и справување со тешкотии.

Долгорочните последици вклучуваат парализа при донесување одлуки – дури и како возрасни, секојдневните избори бараат постојана потврда. Таа „безбедна мрежа“ се претвора во кафез, а детето се бори со ниска самодоверба и страв од погрешен избор.

Родителот кој има потреба од родител

Ова се родители кои самите никогаш не пораснале и често се борат со емоционална нестабилност, незрелост, ментални проблеми или зависности.

Улогите се менуваат – и наместо родителите да обезбедат стабилност, тие се потпираат на своите деца.

Ова суптилно го принудува детето да порасне премногу рано. На почеток може да изгледа посебно да бидете потребни, но товарот на емоционалната „родителизација“ постепено го потиснува внатрешното дете.

Како возрасни, таквите деца тешко бараат помош и се плашат од ранливост. Често се „поправачи“ на односи и чувствуваат вина кога поставуваат граници. Во хаосот, ги забораваат сопствените потреби.

Родителот кој живее преку детето

Некои токсични родители не можат да ги одвојат своите соништа од животот на своите деца.

Тие го оптоваруваат детето со своите неостварени амбиции – да стане светски познат хирург или спортска ѕвезда.

Наместо да ги негуваат уникатните интереси на детето, се обидуваат да ги реализираат сопствените соништа преку него. Иако ова може да изгледа како поддршка, создава притисок и недостаток на автономија.

Таквите деца развиваат потреба да им угодуваат на другите и се чувствуваат заробени во приказната на своите родители. Една самостојна одлука ги прави „себични“, што често ги нарушува односите со родителите.

Ако се препознавате во некој од овие типови токсични родители, знајте дека не сте сами – и тие не мора да бидат „лоши луѓе“.

Многу токсични модели произлегуваат од нивната неразрешена болка.

Препознавањето на овие модели ви дава моќ да поставите граници и да го прекинете циклусот. Не можете да го избришете минатото, но можете да го „превоспитате“ своето внатрешно дете и да продолжите напред со јасност и самопочит.

РЖМ / Б. С. Б. 

Фото: Пинтерест

Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: