Вештачката интелигенција влезе и во христијанството: Во црква во Швајцарија може да зборувате со AI Исус

Најстарата црква во швајцарскиот град Луцерн денес е симбол на нешто сосема ново. Капелата „Peterskapelle“ привлекува внимание ширум светот откако во исповедалницата инсталираше вештачка интелигенција со лик на Исус, способна да води разговори на дури 100 јазици.
Проектот, наречен „Deus in Machina“, беше лансиран како експеримент во соработка со локална универзитетска истражувачка лабораторија за имерзивна реалност. По неколку проекти со виртуелна и проширена реалност, црквата решила следниот чекор да биде дигитален аватар.
„Сакаме да видиме како луѓето реагираат на ВИ-Исус. За што би разговарале со него? Дали воопшто би имало интерес? Во одредена смисла, ние сме пионери“, вели теологот Марко Шмид од Peterskapelle.
Исус во исповедалница – но без исповед
Поради ограничениот простор и потребата за приватност, свештеникот бил привремено заменет со компјутер и кабли во исповедалницата. Посетителите поставувале прашања до дигиталниот Исус – долгокос аватар прикажан зад дрвена решетка – кој одговарал во реално време, користејќи вештачка интелигенција обучена со теолошки текстови.
Црквата јасно предупредувала дека ова не е исповед и дека корисниците не треба да споделуваат лични податоци, туку дека разговараат со аватар на сопствен ризик.
Над 1.000 разговори – и мешани реакции
За време на двомесечниот експеримент, повеќе од 1.000 луѓе – меѓу кои муслимани и туристи од Кина и Виетнам – разговарале со ВИ-Исус. Од над 230 испитани корисници, околу две третини изјавиле дека искуството го доживеале како „духовно“.
„За мене тоа беше изненадување – дека луѓето навистина имаа позитивен религиозен момент со ВИ“, вели Шмид.
Но не сите реакции биле позитивни. Некои посетители изјавиле дека не можат да разговараат со машина, додека еден локален новинар ги опиша одговорите како „површни, повторливи и налик на календарски мудрости“.
Ризик што не може целосно да се контролира
Проектот предизвикал и критики од дел од црковната заедница – католички свештеници протестирале против користењето на исповедалницата, додека протестантски колеги негодувале поради визуелното прикажување на Исус.
Најголемата дилема, според Шмид, била довербата дека вештачката интелигенција нема да даде несоодветни, контроверзни или теолошки спротивни одговори.
„Никогаш немавме впечаток дека кажува нешто навистина проблематично, но никогаш не можевме да гарантираме дека нема да се случи“, признава тој.
Токму поради таа одговорност, проектот нема да стане трајна поставка.
Извор: The Guardian
Фото:Скриншот Јутјуб
Можеби ќе ве интересира:
